ЗАСТРАШУВАЧКИ ПРОЕКЦИИ НА НАСЕЛЕНИЕТО – Алармот е вклучен: Во Македонија до 2070 година се очекува да има помалку од 1,5 милион жители !?

Државниот завод за статистика (ДЗС) утре во Собранието ќе ја презентира проекцијата на населението во Македонија до 2070 година.

Од ДЗС, денес предупредуваат дека ако веднаш и итно не се преземат мерки, Македонија во наредните децении ќе се соочи со тешки демографски последици. Македонија се повеќе се празни, а главен фактор за намалување на бројот на население е иселувањето од земјата, но и нискиот наталитет.

Меѓународен аеродром Скопје

Од Државниот завод за статистика официјалните бројки од проценките ќе ги објават утре, но со сигурност е дека во сите варијанти бројот на население во Македонија драстично ќе се намали.

За изработка на проекцијата се изработени девет различни хипотези, четири за фертилитетот, две за морталитетот и три за миграциите и седум варијанти што да се очекува во реалноста, од кои две се теоретски и неостварливи, но се изработени во и за научни цели.

Оваа проекција за населението во Македонија е втора прокеција што ја изработува ДЗС – 25 години по претходната проекција во 1998 година.

Според хипотезите од ДЗС, во Македонија до 2070 година се очекува да има помалку од 1,5 милион жители, односно околу 1.250.000 жители. Во најлошата варијанта, која не се очекува да се оствари, населението по пет децении отсега ќе падне на само еден милион луѓе.

Овие проекции се големо достигнување не само за ДЗС, туки и за државата. Проекциите на населението се патоказ при креирањето на политиките и стратегиите на државата со фокус на демографските случувања во минатото, сегашната состојба и можните сценарија за иднината“, велат од ДЗС.

Проекциите на населението претставуваат вид на моделирање на демографската иднина, базирани на претпоставки, коишто во времето на изготвувањето може, но и не мора да изгледаат веројатни. Тие претставуваат резултати на остварувањата на усвоените претпоставки за движењето на морталитетот, фертилитетот и миграциите во дефинираниот проекциски период и тоа без утврдување на веројатноста на нивното остварување“, објаснуваат од Државниот завод за статистика.