Колективниот Запад со техники од „Мајдан“ се обидува да ја дестабилизира ситуацијата во Србија по изборите, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи го синоќешниот протест на коалицијата „Србија против насилството“ во Белград, во кој беа повредени осум полицајци и приведени 38 демонстранти по насилните обиди за влез во Собранието на Белград.
„Очигледни се обидите на колективниот Запад да ја размрда ситуацијата во земјата, користејќи ги техниките на државните удари на Мајдан. Строго почитување на словото и духот на Уставот на земјата и почитување на изборот на српскиот народ, кој гласаше за нивните национални интереси, се единствениот можен одговор, оцени Захарова, која направи паралела меѓу протестите во Србија и оние на Мајдан во Киев што доведоа до доаѓање на власт на прозападните сили во Украина на почетокот на 2014 година.
Дел од демонстрантите кои ги оспоруваат резултатите од последните парламентарни и локални избори во Србија, вчера се обидоа да влезат во градското собрание на Белград, кршејќи ги прозорците со камења пред да бидат растурени од полицијата.