Захарова: „Зеленски планира напад на нуклеарната централа, цел свет ќе ги почувствува последиците“

МАРИЈА ЗАХАРОВА, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, денеска за режимското руско радио Спутник изјави дека „Украина планира да изврши терористички напад врз нуклеарната централа Запорожје (ЗНПП), со потенцијални последици кои би можеле да го погодат целиот свет. Нуклеарната централа Запорожје, да потсетиме, е под окупација на руските сили од почетокот на инвазијата.

„Ниту еден агол на планетата нема да остане недопрен“

Зеленски планира да изврши терористички напад на нуклеарната централа Запорожје, рече Захарова, додавајќи дека „САД и Велика Британија тоа не го гледаат како опасност“.

„Сепак, ниту еден агол на планетата нема да остане недопрен од овој напад, бидејќи има работи како атмосферата, светските океани и земјоделството“, нагласи Захарова. „Ако нешто се случи, тоа ќе влијае на сè – воздухот, водата и храната. Зеленски сака да го искористи овој фактор за своите екстремистички терористички цели“, рече Захарова, без да наведе докази за нејзините тврдења.