Зајакнување на капацитетите на НАТО и состојбата на Блискиот Исток, главни теми на вториот ден од министерскиот состанок на Алијансата
Плановите на НАТО за зајакнување на одвраќањето и одбраната и за мисиите и операции на Алијансата, штетата на критичната подводна инфраструктура во Балтичкото Море, како и ситуацијата на Блискиот Исток, ќе бидат главни теми на денешниот втор ден од состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата во Брисел.
Според најавата, за овие теми ќе се расправа на заседанието на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана или нивни претставници, на кое во првиот дел преку видеоконференциска врска ќе учествува и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кој ќе ги информира своите колеги од членките на НАТО за најновиот развој на настаните во конфликтот меѓу Израел и исламистичкото движење Хамас.
На синоќешната прес-конференција на крајот од првиот ден на министерскиот состанок, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг нагласи дека Израел има право на самоодбрана, посебно што се соочи со терористички напад од страна на Хамас со многу цивилни жртви, но дека израелскиот одговор мора да биде соодветен и да се спречи загуба на невини цивилни животи ако продолжи конфликтот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во продолжение на денешниот Северноатлантскиот совет ќе учествува и Пал Јонсон, министер за одбрана на Шведска, чие членство во Алијансата е во фаза на ратификација во земјите членки на НАТО.
Во третиот дел од заседанието на Северноатлантскиот совет на министрите ќе им се приклучи и заменик генералниот секретар за мир, безбедност и одбрана на Европската служба за надворешни работи, Шарл Фрајс.
По завршувањето на Советот ќе се одржи церемонија на потпишување на договорот за приклучување на НАТО кон програмата „Управувањето со воздушниот простор“ (АЕР), на која ќе се обрати заменик генералниот секретар на Алијансата, Мирчеа Џоана.
Главна тема на вчерашниот прв ден од министерскиот состанок, на кој присуствуваше и украинска делегација, предводена од претседателот Володимир Зеленски, беше состојбата во Украина поврзана со руската агресија, како и приближувањето на земјата кон НАТО.
Како што истакна Столтенберг, сојузниците од НАТО ја потврдиле својата посветеност на продолжување на поддршката на Украина и нејзино засилување за да се задоволат најнеопходните потреби на земјата, во услови кога Русија ги засилува нападите врз украинската инфраструктура и повторно се подготвува да ја искористи зимата како оружје.
Тој нагласи дека она што е најважно е дека најавите за помош за земјата не се само зборови, тука НАТО тоа го реализира и на дело.
– Убеден сум дека сојузниците од НАТО ќе продолжат со тоа, бидејќи тоа не е само наш безбедносен интерес, туку и затоа што Украина докажа дека нејзината борба е и наша борба, нејзината безбедност е и наша безбедност, нејзините вредности се и наши вредности. Затоа наш безбедносен интерес е да осигуриме дека поддршката за Украина ќе продолжи, истакна Столтенберг.
И американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во обраќањето на заседанието на Контакт групата за одбрана на Украина, истакна дека коалицијата на 50 нации на добра волја што го сочинува ова тело е посветена на поддршка на украинската борба за слобода.
– Оваа коалиција продолжува да создава историја со своето единство и решителна поддршка за Украина. Да нема забуни, САД ќе стојат зад Украина колку што ќе биде потребно, потенцира Лојд, додавајќи дека коалицијата е посветена да им го дава на украинските борци тоа што им е потребно и се додека биде потребно, со цел Украина да може да живее во слобода.