Зајкова и Тачи ќе му обезбедат двотретинско мнозинство на Мицкоски, за да не чека помош од Ахмети ако има потреба од 80?!

Пред повеќе од еден месец, Мендух Тачи објави дека неговата ДПА го напушта Европскиот фронт предводен од ДУИ, но досега јавно не презел конкретен чекор со кој би разјаснил како ќе делува во следниот период. Во меѓувреме, со пратеник помалку останува и коалицијата на СДСМ, откако независно и самостојно делување најави лидерката на ЛДП Моника Зајкова, која беше посочена од сопартијци дека работи на зближување до ВМРО-ДПМНЕ. Токму двајца пратеници и недостигаат на владејачката коалиција за да контролира двотретинско мнозинство од 80, но висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ ни изјави дека се уште нема никаков официјален договор ниту со Тачи ниту со Зајкова, иако нагласува дека и двајцата се тука и, како што вели – се нудат. Инаку, советник на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски станал поранешен помошник-министер од времето на неговиот претходник Оливер Спасовски, кој, случајно или не, е близок роднина на Зајкова.

По убедливата победа на последните парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ успеа да формира влада со ВЛЕН и ЗНАМ, која во собранието се потпира на стабилно мнозинство од 78 пратеници. Тоа значи дека на владејачката коалиција и недостигаат само 2 пратеници за да контролира и двотретинско мнозинство од 80 пратеници.

Уште пред да се избере актуелната влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски, се јави потреба за двотретинско мнозинство, со цел изгласување на новата државна управа, со која се спојуваа министерства и се формираа нови. Тогаш, неопходните 80 пратеници ги обезбеди ДУИ, која за возврат доби собраниско тело за следење на правичната застапеност.

Меѓутоа, власта трпеше многу критики од опозициските СДСМ и Левица во насока дека ова гласање покажало дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат некаква соработка, без оглед што двете страни подолг период негуваат тешка реторика еден кон друг. Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ тешко можеше да објасни како прифатил поддршка од ДУИ за ваква реформа, кога постојано ги обвинуваат за епски криминал, за обид за дестабилизација итн.

Сепак, повторно со поддршка на интегративците помина уште една двотретинска законска измена, со која практично се овозможи да нема предвремени локални избори во општините, чиј градоначалник стана министер или пратеник, туку до редовните локални избори да има в.д. градоначалници. Станува збор за Аеродром и Гостивар, чии поранешни градоначалници Тимчо Муцунски и Арбен Таравари станаа министри за надворешни работи и здравство, како и за Сарај, чиј градоначалник Блерим Беџети остана пратеник.

Ако за ова гласање нема голема контрадикторност или силни сомнежи за некакви позадински игри и интереси, бидејќи од Мала Речица рекоа дека и тие имале корист поради Сарај, тогаш нема многу голем резон гласањето на ДУИ на законот за реорганизација на владата, посебно кога ќе се види заедничкото соопштение на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, каде, меѓу другото, стоеше дека Законот бил подготвен со поддршка на меѓународните партнери, па дури и дека бил дел од ИПА-програмата на ЕУ?!

Се разбира, вистината што ја немаше во соопштението е дека ова беше дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, а гласањето на ДУИ има логика само како обид за приближување до Мицкоски, како основ на некоја идна соработка или евентуално друг вид концесии. Арно ама, времето покажува дека меѓу двете партии нема приближување, туку напротив – меѓусебните напади продолжија и ескалираа.

Па, се поставува прашањето дали на ВМРО-ДПМНЕ му е подобро да обезбеди уште двајца пратеници од друго место за да дојде до контрола врз 80 пратеници, со цел, ако повторно затреба двотретинско мнозинство да не мора да чекаат поддршка од ДУИ? Дури и да не бараат поддршка од интегративците, ВМРО-ДПМНЕ трпи штета кога ја добива, бидејќи тоа сугерира тајна коалиција, иако еден од најголемите адути на Мицкоски кога е во прашање остварување на дадениот збор е дека ветил и остварил оти ДУИ ќе биде во опозиција.

Во таа насока, веднаш по формирањето на владата, владејачката ВЛЕН тврдеше дека има пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ кои ќе им се придружат. Засега, тоа не се случило, но Европскиот фронт остана со пратеник помалку. Се работи за лидерот на ДПА Мендух Тачи, кој објави дека го напушта Фронтот, меѓутоа не премина во ВЛЕН, туку рече дека останува во комуникација со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

–ДУИ има бројки, има пратеници. ДУИ го победи ВЛЕН по бројност, по пратеници, по се. Никој не може да ме убеди дека ВЛЕН е појак од ДУИ. ДУИ може дури и да наметне некакво дејство за уставните амандмани затоа што мислам дека имаат капацитет и можат да изберат форма – рече Тачи на ТВ Клан, откако потврди дека тој и ДПА веќе нема да бидат дел од фронтот.

Притоа, тој додаде дека прерано било да се анализира работата на една Влада. Како и да е, во периодот што следуваше Тачи јавно не презел некој конкретен чекор кој би ја разјаснил неговата цел. Тој веќе потврди дека бил преговарачот од Европскиот фронт за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но, според него, можноста ВМРО-ДПМНЕ да направи влада со ДУИ веднаш била одбиена.

Затоа, дел од неофицијалните информации говорат дека целта на Тачи е самостојно да се доближи до ВМРО-ДПМНЕ, по што би работел на зближување меѓу ДПМНЕ и ДУИ.