Лазарополе, село опеано и во песните, е место кое е полно за викендите. Луѓето кои имаат потекло од Лазарополе, се враќаат за викенди во ова убаво македонско село. Лоцирано е на 1.350 метри надморска височина. Во градовите и онака воздухот е високо загаден, и тоа е проблем кој се повторува секоја зимска сезона, а решение засега нема. Луѓето кои често одат во селото, велат дека разликата во квалитетот на воздухот е голема во однос на загаденоста која ја има во Скопје, Гостивар, Тетово. Доаѓаат млади луѓе, но и пензионерите. Радува и фактот што има обнова на куќите во ова мијачко село.
„Секој викенд селото е полно со луѓе. Сабота и недела одат таму. По 50 куќи минимум се полни во период од 10 месеци во годината. Мртов период е околу Нова година и февруари, кога ќе заврши распустот. Од март, април луѓето доаѓаат пак. Бегаат од урбаната средина. Веќе 4-5 години многу луѓе инвестираа во реконструирање на куќи, можеби 30-40 куќи се обновени, од короната наваму, од 2020 година. Ме радува тоа што повеќе млади доаѓаат, од средношколци, студенти, континуирано доаѓаат. Тие самите возат и редовно го посетуваат селото. Помалите деца се врзани со родители, баби, дедовци да ги возат. Највеќе имаме иселени луѓе во Скопје, Тетово, Гостивар, Штип, Охрид, Битола, односно 90 отсто се во западниот дел, но има и во источниот дел. Се чувствува разлика во воздухот. На првата патарина пред Гостивар се чувствува дека е загадено, и има разлика од горе и долу каков е воздухот“, вели Даниел Поповски, претседател на месната заедница во Лазарополе.
Сепак, тој вели дека не е целта да бидеме принудени да бегаме за викенд на места со чист воздух, туку треба аерозагадувањето да се намали и во градовите. Ако пет дена во неделата дишеме загаден воздух, последици ќе трпи нашето здравје. Апелира да се лоцираат загадувачите, да се подигне еколошката свест на надлежните и на граѓаните. Закони има, но да се спроведуваат во пракса за доброто на граѓаните.
Скопје неодамна се најде на листата на air visual меѓу 10-те најзагадени градови во светот. Годишно по неколку илјади луѓе умираат во земјава како последица од загадениот воздух. Лекарите велат дека со маска или шал минимално можеме да го намалиме вдишувањето на загадениот воздух.