За дваесетина од повредените во Кочани, процесот на заздравување би можел да трае и до две години

На дваесетина од повредените во кочанската катастрофа ќе им биде потребна долготрајна рехабилитација, а некои од нив ќе закрепнат и до две години. Ова денеска го истакна министерот за здравство Арбен Таравари кој истакна дека во рамките на Министерството се вршат сите неопходни активности за прием и континуирана грижа на сите повредени во оваа катастрофа.

„Направена е проценка од експерти од Велика Британија колку време ќе биде потребно за нивна рехабилитација. Сега имаме список на сите оние кои најдолго ќе бидат задржани во странство. Сега го знаеме и временскиот период за нивна рехабилитација“, рече Таравари.

Тој рече дека времетраењето на рехабилитацијата варира, процесот на нивното закрепнување може да трае од еден до 24 месеци во најтешките случаи.

Таравари нагласи дека ќе се настојува да се обезбедат средства за покривање на трошоците за престој на дел од членовите на семејството на оние пациенти кои подолг период ќе останат на рехабилитација во странство.

За состојбата на повредените во кочанската несреќа, последните информации се дека од 47 пациенти кои се лекуваат во странство, само еден е во критична состојба.

Затоа за денеска не е закажано враќање на ниту еден од повредените кои се лекуваат во странство. Враќањето на еден од нив е најавено утре.

Во здравствените установи во земјава во моментов има пет хоспитализирани пациенти, двајца во болницата „Свети Наум Охридски“ и во „Систина“, додека на Клиниката за пластична хирургија има само еден пациент, двајца се на домашно лекување но доаѓаат на лекување во клиничкиот центар.