За два дена на територијата на Република Македонија се направени 1455 сообраќајни прекршоци, од кои 348 за пребрзо возење
Во текот на изминатите два дена, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги спроведуваат полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ целата земја, од вкупно 1.455 изречени казни, 145 прекршоци се однесуваат на возачи кои учествувале во сообраќајот без возачка дозвола. Во исто време, 20 возачи управувале под дејство на алкохол и биле отстранети од сообраќај, додека 179 возачи на мотоцикли биле казнети за неносење заштитна кацига, информира Министерството за внатрешни работи.
„Инаку, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, најмногу прекршоци во текот на викендот – 384 – се однесуваат на непочитување на пропишаното ограничување на брзината, 343 за непрописно паркирање, додека 51 возач е казнет и за некористење на сигурносен појас, 31 за користење на мобилен телефон при управување со возило, 27 за поминување на црвено светло, додека седум возачи се казнети за неисполнување на пропишаните услови во врска со затемнување на стаклата на возилата“, се наведува во соопштението за јавноста на МВР.
Според Законот за возила, 39 возила се отстранети од сообраќај бидејќи биле нерегистрирани.
Министерството за внатрешни работи информира дека контролите на патиштата ќе продолжат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заедно да придонесат за побезбедни патишта.