За заштитата на правата и македонскиот идентитет разговараа Марјана Костофски-Фелах и Никола Ѓурѓај

 Претставничката на македонското национално малцинство во Комитетот за национални малцинства во Албанија, Марјана Костофски-Фелах денеска оствари работна средба со Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“- Тирана, информираа од Комитетот.

– На средбата се разговараше за различни прашања поврзани со македонското малцинство во Република Албанија, како и за можна соработка во рамките на заштитата на правата и зачувувањето на идентитетот на македонското малцинство, стои во објавата на Комитетот на фејсбук.

Ѓурѓај, кој е и главен и одговорен уредник на весникот „Илинден”, на Костофски-Фелат и  предал пет примероци од последното издание на весникот.

– Македонското друштво „Илинден“ е еден од победниците во рамки на отворениот повик на Комитетот за национални малцинства за проектот  „Зачувување и промоција на уметноста, културата, традиционалните занаети и културното наследство за националните малцинства во Албанија“, со проектот „Фото албум со народна облека на македонското малцинство во Република Албанија”, стои во објавата.

Комитетот за национални малцинства е владина институција во која свој претставник имаат признатите малцинства во Албанија со Законот за малцинства. Претседател на Комитетот е  Константина Бежани, претставничка на грчкото малцинство.