Веќе 80 отсто од јагнињата се откупени и се преработуваат за извоз за католичкиот Велигден. Извозот е главно на италијанскиот пазар.
Според сточарите, откупната цена од 220 до 240 денари за килограм жива тежина е ниска и не ги покрива основните трошоци. Но мора да ги продадат јагнињата бидејќи така ќе ги добијат субвенциите.
„Оваа цена што ни ја понудија месарниците од 220 до 240 денари е ниска, но ние мораме да ги дадеме гоените јагниња бидејќи така ги добиваме субвенциите. На косовскиот пазар имаше извоз од 320 денари, но тоа е ризик бидејќи не добиваме право на субвенции. Цената не ги покрива основните трошоци“, вели Зоран Спасески, сточар од прилепското село Мало Коњари.
Тој е еден од двајцата овчари од селото кој вредно се занимава со одгледување овци од 38-те поранешни семејства и стада од вкупно 3500 овци.
„Ме издржува само љубовта да одгледувам овци и да се занимавам со оваа гранка на сточарството. Пошто знам дека се грижев за овчарот, но нема кој да не следи. Да не се субвенциите, оваа гранка тешко ќе се одржи“, вели Спасески.
Спасески смета дека неможноста за избор на пласман и пазар влијае на моменталната состојба во сточарството.
„Прво сакам и треба да го изберам пазарот, кому и како да ги продавам јагнињата, а не да се обврзувам. Условите се тешки и ако вака продолжи, нема да има овци во државата“, оценува Спасески.