– Во изминатите десет години од европскиот пазар исчезнаа 26 проценти од генеричките лекови, а најчеста причина била неисплатливоста на производството поради прениските цени на лековите, предупредено е денеска на панел дискусијата на водечките луѓе од европската фармацевтска индустрија.
Поради ценовната политика кон генеричките лекови, во изминатата деценија од европскиот пазар исчезнале 33 отсто од антибиотиците и 40 отсто од лековите за лекување на тумори, истакнаа експерти во онлајн дискусијата на европскиот портал Политико.
Филип Дрехсле, член на Извршниот одбор (Тева Европа), предупреди дека целиот синџир на снабдување со генерички лекови е под голем притисок поради намалувањето на цените до границите на одржливост. Притоа, додаде тој, националните закони ги преферираат најевтините добавувачи, игнорирајќи ја одржливоста на производството и достапноста на основните лекови.
„Ова треба под итно да се реши. Треба да се донесе регулатива што ќе ја земе предвид достапноста на лекови во сите земји на ЕУ“, рече Дрехсле.
Тој оцени и дека европскиот регулаторен систем е прескап, еколошките обврски се преригорозни, што ја става Европа во неконкурентна позиција во однос на азиските земји.
Генералниот директор на здружението за генеричка индустрија „Лекови за Европа“ Адријан ван ден Ховен се осврна на недостигот од антибиотици, што, како што посочува, покажа колку е кревка достапноста на есенцијалните лекови оваа зима и колку е важно производството да се врати во Европа.
Тој ја истакна неопходноста од зголемување на цените на генеричките лекови чија месечна терапија сега е пониска од цената на шолја кафе во кафуле и порача дека проблемот со недостигот треба да се реши со ревизија на фармацевтското законодавство на ЕУ.
Беше испратен и повик за отворен дијалог меѓу добавувачите и медицинските агенции за да се предупреди за тесните грла во снабдувањето што е можно побрзо.
Европската комисија и Агенцијата за лекови (ЕМА) ги задолжија сите земји-членки на ЕУ да ја следат ситуацијата во синџирите на снабдување и да алармираат за потенцијалниот недостиг на лекови како дел од заедничкиот проект на ЕК.