Зголемен бројот на жртви во трагедијата во познатиот ноќен клуб: 27 загинати, 134 повредени префрлени во болници (фото)

Бројот на загинати во уривањето на покривот во ноќниот клуб „Џет сет“ во Доминиканската Република се зголеми на 27, а досега во болница се пренесени 134 повредени, јавуваат локалните медиуми.

Директорот на Центарот за вонредни ситуации Хуан Мануел Мендез соопшти дека бројот на загинати се искачи на 27, а 134 се повредени во болниците.

Мендез побара да не се објавуваат списоци на жртви за да не се меша во истрагата.

Поранешниот претседател на Доминиканската Република Данило Медина изрази длабоко жалење и шокираност поради трагедијата што се случи.

„Будејќи се овој вторник од веста за оваа шокантна трагедија, чувствуваме длабока тага и болка. Се молиме за секоја жртва, за погодените животи, за семејствата кои денес страдаат и за оние кои сè уште, со вера, чекаат вести за своите најблиски“, напиша тој на платформата X.

Поранешниот претседател, исто така, упати молитви за сила за спасувачите кои сè уште работат меѓу урнатините, како и за утеха за целата доминиканска нација, која е во жалост.

„Господ да им даде сила на оние кои ја продолжуваат потрагата меѓу урнатините, а утеха на земјата која денес обединета плаче. Во оваа болка се прегрнуваме и се потпираме на надежта“, рече Медина.

Во истиот дух, Доминиканската ослободителна партија (ПЛД) ја изрази својата најдлабока тага и солидарност со семејствата на жртвите и повредените во трагедијата.

„Од срце, ние сме со секое семејство погодено од овој болен момент. Се молиме за оние кои се соочуваат со оваа тешка ситуација и се молиме за сила за нивните најблиски, како и за мудрост за спасувачите кои храбро и посветено ја продолжуваат својата мисија“, се вели во соопштението.

Партијата преку својот Секретаријат за здравство и комисија за солидарност го стави на располагање својот медицински тим и целото членство на ПЛД.

„Членовите на ЦК и средното раководство да даруваат крв преку организирани акции за крводарителство. Исто така остануваме на располагање на надлежните за секаква неопходна помош“, се вели во соопштението.