Зголемен увозот на половни автомобили во Македонија

Според податоците од Царинската управа, во првите четири месеци од оваа година, увозот на половни возила е зголемен во споредба со истиот период минатата година, додека увозот на нови возила е намален, пишува Фактор.

Бројките покажуваат дека од јануари до крајот на април годинава, од странство се увезени 24.023 половни автомобили, додека во истиот период минатата година бројот на овие увози изнесувал 18.328.

Гледано по месеци, март годинава е водечки во купувањето на половни возила, со 8.375 увезени возила, по што следат 5.666 во април и слична бројка во февруари, 5.560, додека јануари беше најслаб со 4.422 увезени половни возила.

Во истиот период минатата година, во јануари биле увезени 3.367 половни возила, во февруари 4.658, во март 4.906, додека во април оваа бројка се зголемила на 5.397.

Според податоците од Царинската управа, во првите четири месеци од оваа година има намалување на бројот на увезени нови возила во споредба со истиот период минатата година.

Имено, од јануари до крајот на април годинава, во земјава се увезени 3.911 нови автомобили, што е за 146 помалку во однос на истиот период минатата година, кога беа увезени 4.057 нови автомобили.

Во јануари годинава, увозот на нови автомобили започна добро и беа купени 735 автомобили, во споредба со 583 во истиот месец минатата година. Но, февруари годинава беше послаб, со увезени 1035 нови автомобили, во споредба со 1164 во февруари минатата година. Во март годинава се увезени 978 нови автомобили, во споредба со 1.064 во март минатата година, додека во април годинава граѓаните купиле 1.163 нови автомобили, додека во април минатата година овој број изнесувал 1.276.

Потсетуваме дека приближно, еден половен автомобил, стар околу 10 години, во солидна состојба, чини околу 7.000 евра. Ако пред неколку години можеше да се најде автомобил во добра состојба за 3.000 евра, ова сега станува невозможно. Една од причините за високата цена на половни возила во земјата се даноците кон државата, кои се многу високи.