– Граѓанското здружение „Никола Мантов“ од Кочани обезбеди полугодишни стипендии за седум фудбалери кои настапуваат за младинските екипи на ГФК „Осогово“.
Претставници од раководството на здружението и фудбалерите со нивните родители попладнево ги потпишаа договорите според кои до крајот на оваа учебна година ќе добиваат по три илјади денари месечно.
-Како поддржувачи на фудбалскиот бренд „Осогово“, наша цел е да го вратиме клубот тaму каде што му е местото – во Првата фудбалска лига. Сакаме да им помогнеме на фудбалерите посветено и попрофесионално да се занимаваат со фудбалот, да знаат дека некој се грижи за нив и дека имаат иднина во настапите за нашиот клуб. Се работи за фудбалери родени од 2005 до 2008 година, кои настапуваат за трите младински екипи на „Осогово“ и се меѓу најдобрите во своите возрасни категории, a изборот го направија членовите на Стручниот штаб. Планираме со стипендирање да продолжиме и во новата учебна година, а очекуваме нашата инцијатива да ја прифатат локалните компании и да се придружат во поддршката на фудбалот, па и спортот воопшто, истакна Никола Стојанов, претседател на здружението „Никола Мантов“.
Бројот на фудбалери кои ќе добиваат стипендија е определен според бројот на дресот што го носел поранешниот првотимец на „Осогово“ и патрон на Здружението – Никола Мантов, кој во 1973 година починал за време на фудбалски натпревар.