Зелени вработувања за премин од лигнитска-кафена во зелена економија

 Европската Унија постави цел до 2030 година, 32 проценти од потрошувачката на енергија да биде од обновливи извори. Таа енергетска транзиција е предизвик кој бара реална енергетска политика и соодветни инвестициски алатки, и во таа смисла Северна Македонија не може да остане набљудувач на тој процес.

Македонско-грчки експерти проценуваат дека транзицијата кон нов енергетски модел и импликациите што таа ќе ги има врз економијата може полесно да се решаваат и надминуваат во директна соработка со соседите, во случајов со градовите Битола, Прилеп, Лерин, Кожани и тоа беше основа за директна соработка меѓу професорите од Бизнис академија Смилевски-БАС, Регионалната стопанска комора со седиште во Битола, Универзитетот од Кожани и Центарот за истражувања и технологии-Хелас.

– Со колегите од Грција одлучивме да соработуваме во проектот „Стимулирање на зелени вработувања: Клучни точки за прекугранични образовни и технолошки иновации“. Проектот има цел да им помогне на регионите учесници, да се придвижат од сегашниот низок економски „кафен“ пристап со низок квалитет на работните места, ниско ниво на заштита на животната средина и несоодветни ниски вештини, кон високо одржлива зелена економија, соодветни вештини на високо ниво, висока продуктивност, високо ниво на заштита на животната средина. Со користење на иновативни образовни и тренинг методи, проектот овозможи тематско и процедурално знаење за да се подобри односот на локалното население кон природата и да се развие човечкиот капитал во прекуграничниот регион за најсовремени енергетски решенија, вели професор д-р Тони Соклевски, проектен менаџер во Бизнис академија Смилевски-БАС.

Транзицијата, од производство на електична енерија со високо ниво на јаглерод, кон ниско јаглеродно производство и за двете земји ќе донесе трајни структурни промени во рамки на занимањата и во рамки на профилите на работните места. Транзицијата ќе има и длабоки импликации врз животниот циклус на вештините, како и врз потребите за обука на идните вработени, нагласуваат македонско-грчките експерти.

– Популаризацијата на „озеленување” на вработувањата и стратегиите за вештини, бара силни партнерства помеѓу јавните, приватните и непрофитните организации, за да се максимизираат иновациите и да се овозможи непречено управување со промените на пазарот на трудот од „кафена” кон зелена енергија и зелено вработување. Во овој контекст, ние се фокусиравме на програмите за образование и обука, што ќе им овозможат на образованите дипломци и на идните работодавачи, да го развијат потребниот начин на размислување, како и потребните вештини за премин кон зелен економски модел и на моделите на вработувањето и на моделите на развивање на зелените вештини, неопходно потребни за транзиција на регионите во 21 век, појасни професорот Соклевски.

Анастасиос Симплинас, експерт од Центарот за истражувања и технологии-Хелас вели дека преку европскиот проект ГЕМС сакаат директно да се соочат со предизвиците во нашите региони, луѓето да тргнат напред од сегашната лигнитски базирана економија кон високо одржлива зелена економија и посебно сакаат да им помогнат на децата.

– За високо одржлива т.н. зелена економија потребно е на луѓето од двата региона да им се овозможат развиени вештини за висока продуктивност и заштита на животната средина и затоа ние им помагаме за добијат квалитетна доквалификација и преквалификација. Зелената економија е брзорастечка и дава многу можности за оние кои ќе имаат работа во тоа поле, а преку нашиот проект се учи за обновлива енергија, одржлива агрокултура… Зелената економија нуди многу можности за оние кои се подготвени да учат и да работат напорно бидејќи зелената економија нуди и потенцијал за високо платени работни места и напредок во кариерата, нагласи Симплинас, електроинеженер во Центар за истражувања и технологии-Хелас.

Познато е дека прекуграничната област е зафатена од невработеност и длабока и долгорочна економска криза. Освен тоа, иако продуцира образовани научници, отсуството на можности за работа и кариера ги принудува да мигрираат подалеку од регионот. -Наша обврска е да работиме за младите за да тие останат тука, вели Александрос Видурис, генерален Конзул на Република Грција во Република Северна Македонија.

-Проектот е насочен кон младите. Во општините од двете страни на границата, младите се понапредни од нас, од нашава генерација и затоа токму нашата генерација единствено што може да направи е да ги поддржи нивните напори. Креирањето на заеднички иновативни и едукативни точки овозможува заеднички средби, дружење за да се зближуваат, да разменуваат искуства и да формираат синергија за заеднички напредок, вели грчкиот конзул Видурис.

-Посветеноста кон зелената економија и зелените вработувања во Пелагонискиот регион е потврдена од Регионалната стопанска комора во чии редови знаат дека на земјава и е даден услов до 2025 година да бидат затворени РЕК Битола и РЕК Осломеј и затоа компаниите интензивно се одлучуваат за обновливи извори на енергија, потврди м-р Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора со седиште во Битола.

Градоначалниците на Битола и Прилеп, Тони Коњановски и Борче Јовчески, пак, едногласно велат дека поскапувањата на струјата беа причина од хаосот да се излегува со обезбедување алтернативни извори на обновлива, зелена енергија и во таа смисла македонско-грчкиот проект е полн погодок.

Проектот „Стимулирање на зелени вработувања: Клучни точки за прекугранични образовни и технолошки иновации“ е поддржан од македонските министерства за Локална самоуправа и Заштита на животната средина и просторно планирање, и според нив борбата за обновливи извори на енергија е интернационална и не познава граници.

– Проектот е во завршна фаза, а резултатите се содржани во регионалната стратегија за транзиција кон зелена економија и зелени вработувања, изработени се 10 компаниски стратегии и систематизации кои содржат зелени вработувања, обезбедивме 10 старт-ап-и што ќе бидат поддржани од бизнис инкубаторот на БАС, имаме 10 акциски планови за стопанственици од Пелагонискиот регион, 15 апликации за ИПАРД и ФИТР, а ќе поставиме соларна фотоволтаична централа, електрични велосипеди со полначки точки во градот и најмалку 1.000 корисници со што ќе се поттикне важноста за почитување на животната средина, за поимите зелени вработувања и зелена економија, ни предочи професорот д-р Тони Соклевски.

Во меѓувреме се подостапни и појасни се целите на Европскиот зелен договор, што го прифати и Република Северна Македонија и со кој справувањето со климатските предизвици мора да се врши поенергично бидејќи роковите за замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија во македонската економија и стопанство се се пократки.