Украинскиот претседател Володимир Зеленски в среда ќе ја посети Велика Британија за да се сретне со премиерот Риши Сунак, соопшти Кабинетот на британскиот премиер.
Зеленски ќе ги посети украинските војници кои моментално се обучуваат во Велика Британија, а ќе се обрати и во британскиот парламент, се наведува во соопштението, пренесува Ројтерс.
Канцеларијата на Сунак ги објави плановите за проширување на обуката на украинските војници на воздушните и поморските сили, вклучително и млазни пилоти и маринци, како и за забрзување на снабдувањето со воена опрема.
Обуката ќе обезбеди пилотите во иднина да можат да летаат со софистицирани борбени авиони според стандардите на НАТО, се вели во соопштението.
– Посетата на претседателот Зеленски на Обединетото Кралство е потврда за храброста, решителноста и борбата на неговата земја, како и потврда за нераскинливото пријателство меѓу нашите две земји, рече Сунак.
Сунак ќе понуди поддршка на Обединетото Кралство за плановите на Зеленски да работи кон праведен и траен мир за Украина, се вели во соопштението.