– Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Финска, каде што е во ненајавена посета, истакна дека годинава ќе биде „одлучувачка за Украина и Европа“ за победата над Русија.
– Мислам дека оваа година ќе биде одлучувачка за нас, за Европа, за Украина, одлучувачка за победа, рече Зеленски на прес-конференцијата со неговиот фински колега Саули Нинисто, со кој се сретна на маргините на состанокот на нордиските земји.
Тој и честиташе на Финска за влезот во НАТО во април по децении неутралност. На Украина, која аплицираше за влез во Северноатлантската алијанса, има потреба од исто ниво на безбедносни гаранции.
Нинисто посочи дека е многу важно сите земји од НАТО да можат да зборуваат со еден глас на оваа тема на самитот на Алијансата во Вилнус во јули.
Во врска со можно испраќање во Украина на американски борбени авиони Ф-18 кои се во служба во Финска, за што зборуваше финската премиерка во заминување Сана Марин, тој рече дека тие не можат да бидат испратени пред испораката на авионите Ф-35 кои треба да ги заменат, што се очекува во 2025 година.
Зеленски рече дека е „сигурен“ оти Украина ќе добие модерни борбени авиони откако ќе докаже дека е способна да спроведе контраофанзива на теренот, што придонесе за одобрување за испорака на модерни борбени тенкови. Украина бара испорака на авиони Ф-16, но западните земји сè уште се двоумат дали да ги испратат.
– Ние спроведуваме офанзивни акции и потоа ќе добиеме авиони, рече Зеленски.
Зеленски ќе се приклучи на самитот на нордиските земји во резиденцијата на финскиот претседател Саули Нинисто, на кој покрај шефот на финската држава, учествуваат и шведскиот премиер Улф Кристерсон, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, данската премиерка Мете Фредериксен и исландската премиерка Катрин Јакобсдотир.
Сите нордиски земји ветија финансиска и воена помош за Украина по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Шведска, Данска, Финска и Норвешка, исто така, се приклучија на меѓународните напори за снабдување со тешко оружје на Украина со давање делови од нивните тенкови Леопард 2 или обезбедување пари за нивно купување.