Зеленски за состанок со командантите кои ја водат контраофанзивата: Русите направија стратешки грешки во одбраната на територијата
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го посети градот Бахмут во источна Украина и разговараше со војниците што ја предводат контраофанзивата против Русија.
„Во рамките на работното патување во регионот на Доњецк, претседателот Зеленски ги посети борбените бригади кои спроведуваат офанзивни операции во регионот Бахмут“, соопшти Претседателството, додавајќи дека Зеленски го слушнал извештајот за оперативната ситуација на истокот на земјата.
Зеленски се сретна со командантите на трупите во областа и разговараше за проблемите и потребите на единиците, вклучително и за набавка на артилериски гранати, ракети за системи за противвоздушна одбрана на линијата на фронтот.
Посетата уследи по разрешувањето на министерот за одбрана на Украина и најавата на Киев за воени успеси минатата недела.
Да потсетиме, по пробивањето на првата линија на руската одбрана, украинскиот генерал Олександр Тарнавски цврсто најави дека очекува уште поголем успех, нагласувајќи дека Русите направиле стратешки грешки во одбраната на територијата.