Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека ја прекинува официјалната посета на Јужна Африка и дека итно се враќа во Киев по жестоките напади на главниот град на Украина во текот на ноќта.
Според украинските медиуми, најмалку девет лица загинале, додека повеќе од 70 се ранети, меѓу кои и шест деца.
Зеленски во објава на Телеграм изјави дека ќе се врати во Украина по средбата со претседателот на Јужна Африка, Кирил Рамафоза , пренесе АП.
Украинскиот претседател исто така го осуди бомбардирањето на Украина и ја повика Русија „веднаш да ги запре“ нападите.
„ Поминаа 44 дена откако Украина се согласи на целосен прекин на огнот и прекин на воздушните напади… И поминаа 44 дена откако Русија продолжува да го убива нашиот народ“, рече украинскиот лидер на мрежата Х.
Според соопштението на воената управа на градот, нападот започнал околу еден часот по полноќ и биле погодени најмалку пет населби во Киев.
Руските сили употребија балистички ракети и најмалку 45 беспилотни летала.
Спасувачките екипи се уште се на терен.
Украинската служба за итни случаи соопшти дека најмалку 42 лица се хоспитализирани.
Нападите предизвикаа пожари и штета на неколку станбени згради низ градот , вклучително и областите Шевченковски и Холосијевски.