Зеленски и Руте потпишаа билатерален безбедносен договор

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски и премиерот на Холандија, Марк Руте денеска во Харков потпишаа билатерален безбедносен договор.

– Документот вклучува две милијарди евра воена помош од Холандија за оваа година, како и понатамошна помош во одбраната во следните десет години, објави Зеленски на Икс.

Тој додаде дека приоритет на документот е „обезбедување на противвоздушна одбрана и артилерија, со посебен акцент на зајакнување на украинското воздухопловство“.

– Договорот ја официјализира принципиелната позиција на Холандија за зајакнување на санкциите против Русија, надомест на штетата и повикување на агресорите на одговорност, истакна Зеленски.

Тој додаде и дека со документот Холандија го поддржа идното членство на Украина во Европска Унија и НАТО.