Зеленски му изрази сочувство на Ердоган поради разорниот земјотрес

3.549 лица загинаа, а најмалку 22.168 се повредени во земјотресите што вчера ги потресоа јужните делови на Туркије.

Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, имаше телефонски разговор со претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган. Во текот на разговорот Зеленски му изрази сочувство на Ердоган поради разорниот земјотрес на југот од Туркије, пренесува Анадолу.

Во соопштението што го објави Канцеларијата за комуникации на Претседателството на Туркије се вели дека Зеленски му изразил сочувство на Ердоган за загинатите во земјотресот, а на повредените им посакал што поскоро да закрепнат.

Според најновите информации, 3.549 загинаа, а најмалку 22.168 се повредени во земјотресите што вчера ги погодија јужните делови на Туркије.

– Разорни земјотреси што ја потресоа Туркије

Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер вчера наутро во 4:17 часот по локално време со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.

И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет.

Земјотресите се почувствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и други региони.

Туркије прогласи седумдневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата.