Зеленски: На Украина ѝ се потребни уште 12-15 системи за противвоздушна одбрана против руските напади
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека на Киев му се потребни уште 12 до 15 системи за противвоздушна одбрана за целосна заштита на неговата земја од руските воздушни напади.
Обраќајќи се на самитот на Здружените експедициски сили (ЏЕФ), одбранбена коалиција предводена од Велика Британија, преку видеоконференција, Зеленски потсети на воздушните напади на Русија во петокот врз енергетската инфраструктура на земјата, нарекувајќи ги „едни од најголемите“.
Тој рече дека Украина успеала да се одбрани за време на нападот, додавајќи дека Русија ќе се обиде повторно да ја нападне земјата „штом ќе биде подготвена“.
„Затоа ни треба сигурна гаранција за заштита од воздушниот терор, а тоа значи да имаме доволно системи за противвоздушна одбрана. Потребна ни е целосна имплементација на договорите за испорака на противвоздушна одбрана, особено оние направени на Самитот на НАТО во Вашингтон“, рече тој.
Зеленски понатаму рече дека на Украина ѝ е ветен „значителен број“ системи за противвоздушна одбрана за да се „компензира за неможноста“ да се покани Украина да се приклучи на НАТО во таа фаза.
„Ја барам вашата помош за да го реализирам ова. И искрено, нашите партнери знаат – ни требаат уште 12-15 системи, покрај овие, за целосно да ја заштитиме нашата земја од руските ракетни напади. Tоа е изводливо. Главната работа е политичката волја на нашите партнери“, рече тој.
Украинскиот претседател, исто така, го истакна усвојувањето на 15-тиот пакет санкции од страна на ЕУ еден ден претходно.
„Ве повикувам да преземете уште посилни мерки за да се осигурите дека флотата на танкери во сенка и другите руски бродови, вклучително и оние што пренесуваат оружје, повеќе не можат да оперираат во европските води“, додаде тој.
ЕУ во понеделникот го усвои 15-тиот пакет санкции против Русија, за кој 27-члениот блок рече дека е дизајниран да го спречи заобиколувањето на санкциите на ЕУ со целење на „флотата во сенка“ на Москва.
Во заедничката изјава објавена по самитот на ЏЕФ во естонскиот главен град Талин се вели дека Велика Британија, Данска, Шведска, Полска, Финска и Естонија ги задолжуваат нивните поморски власти да „побараат релевантен доказ за осигурување од сомнителни бродови во сенка додека минуваат низ Ла Манш, данскиот теснец на Големиот појас, меѓу Данска и Шведска и Финскиот Залив“.
ЏЕФ е северноевропска безбедносна коалиција предводена од Велика Британија, а ја сочинуваат и Данска, Финска, Естонија, Исланд, Латвија, Литванија, Холандија, Шведска и Норвешка.