Зеленски поднесе предлог-закони за продолжување на воената состојба и мобилизацијата во Украина

– Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес поднесе два предлог-закона до Парламентот со кои се бара продолжување на воената состојба и општата мобилизација за дополнителни 90 дена.

Предлог-законите беа објавени на официјалната веб-страница на Врховната рада, украинскиот Парламент, во кои се наведува дека воената состојба и мобилизацијата ќе бидат продолжени до 5 ноември.

Доколку бидат усвоени, законот за општа мобилизација ќе стапи на сила на 7 август, а законот за продолжување на воената состојба на денот на неговото објавување.

Зеленски првпат прогласи воена состојба и мобилизација на 24 февруари 2022 година, кога Русија ја започна т.н. „специјална воена операција“ во Украина.

Оттогаш, овие мерки беа продолжени повеќепати, а последното продолжување беше потпишано во април.