На Украина и требаат „вистински безбедносни гаранции“ пред какви било разговори за ставање крај на војната со Русија, му рекол украинскиот претседател Володимир Зеленски на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
Зеленски, како што пренесува „Гардијан“, рекол дека во Минхен на првиот состанок со Венс имал „добри“ разговори и додава оти е сигурен дека оваа средба нема да биде и последна.
Зборувајќи за време на состанокот на маргините на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека Украина е „многу благодарна“ за американската поддршка.
-Треба да зборуваме повеќе, да работиме повеќе и да подготвиме план за како да го запреме Владимир Путин и да ја завршиме работата… Многу сакаме мир, но ни требаат вистински безбедносни гаранции – рекол Зеленски.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс рече дека Вашингтон сака да постигне „траен мир“ во Украина, по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Минхен, а на која беа и американскиот државен секретар Марко Рубио и Кит Келог, специјалниот пратеник на Доналд Трамп за војната во Украина.
-Сакаме војната да заврши, сакаме убиствата да запрат, но сакаме да постигнеме траен мир, а не таков мир што ќе ја доведе Источна Европа во конфликт само неколку години подоцна – рече Венс.
Според Венс, важно е да се почнат разговорите што ќе бидат неопходни за да се стави крај на оваа работа.