– Украинскиот претседател Владимир Зеленски предупреди дека тековниот конфликт во Украина може да прерасне во светска војна доколку Киев и неговите партнери не покажат цврст отпор кон натамошните напади од Русија.
Во интервјуто за американската емисија „60 минути“ на Си-би-ес, кое беше емитувано во неделата, Зеленски истакна дека безбедноста на целиот свет е загрозена како резултат на војната што трае повеќе од три години.
„Ако не застанеме цврсто, тој (рускиот претседател Владимир Путин) ќе продолжи да напредува“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека ова не е само обична претпоставка туку дека, според него, целта на Путин е „да ја обнови Руската Империја и да ги врати териториите што моментно се под заштита на НАТО.“
„Со оглед на тоа дека САД се дел од НАТО, тоа значи дека ќе бидат директно вклучени во секој потенцијален конфликт. Земајќи го предвид сето ова, верувам дека ова би можело да прерасне во светска војна“, рече Зеленски.
Говорејќи за можноста за прекин на огнот, Зеленски нагласи дека секој обид за примирје мора да вклучува гаранции за безбедноста на Украина, додавајќи дека „праведниот мир“ подразбира зачувување на суверенитетот и независноста на неговата земја.
Тој повтори дека Украина никогаш нема да ги признае териториите под руска контрола како да се руски и најави дека овие области еден ден ќе бидат вратени под украинска власт.
Зеленски откри дека повеќепати го предупредил американскиот претседател Доналд Трамп дека на „Путин не може да му се верува“ и дека токму „желбата на Путин да ја продолжи војната“ е причината за пропаѓањето на претходните обиди за примирје.
Одговарајќи на прашање што добиваат Американците за својата воена и финансиска помош за Украина, Зеленски рече дека верува оти борбата на Украина е заедничка борба.
„Можам само да им се заблагодарам на граѓаните на САД за нивната силна поддршка. Но мора да се каже – тие што умираат сега, со сета почит кон САД и Европа, се Украинци. Токму затоа велам дека кога другите земји ни даваат оружје, всушност, тие ги штитат и сопствените граѓани“, додаде Зеленски.
Исто така, тој порача дека со задоволство би го поканил Доналд Трамп да ја посети Украина, повикувајќи го својот колега да дојде и да ја види ситуацијата во неговата земја пред да донесе каква било одлука.
„Тоа нема да биде театар со подготвени актери на улиците и во центарот. Ние не го правиме тоа и не ни е потребно. Може да оди каде што сака, во кој било град што бил под напади. Јас само велам: дојдете и уверете се“, заклучи Зеленски.