Зеленски разговараше со британскиот премиер, на повидок е нова воена поддршка

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека имал разговор со британскиот премиер Кир Стармер, каде што разговарале за „заеднички дипломатски напори“ и планови за состанок на Коалицијата на волјата во Рим, кој се очекува да се одржи „во рок од неколку дена“.

„Работиме на тоа одлуките што ќе се донесат да бидат што е можно построги“, рече Зеленски.

Тој додаде дека Стармер изразил сочувство за континуираните руски напади врз Украина, а воедно разговарал и за други начини за поддршка на неговата земја.

„Разговаравме и за дополнителни средства што ќе бидат обезбедени овој месец за домашно производство на дронови во Украина, првенствено за дронови-пресретнувачи“, рече Зеленски.

Украинскиот лидер, исто така, спомена дека се согласиле да работат на зајакнување на други формати на соработка со клучните партнери, особено форматот Рамштајн, со фокус на заштитата на воздушниот простор и подобрувањето на капацитетите за воздушна одбрана на Украина.

Инаку, Русија изгуби 1.027.540 војници во Украина од почетокот на нејзината агресија во Украина на 24 февруари 2022 година, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.