Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ги повика сојузниците на Киев внимателно да размислат за своите противвоздушни одбранбени капацитети по навлегувањето на беспилотни летала во полскиот воздушен простор за кои Варшава тврди дека се руски.
Зборувајќи во Киев заедно со финскиот претседател Александар Стаб, Зеленски рече дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина одби многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, почнувајќи од митралези до напредни ракети.
Зеленски рече дека земји како Полска треба да разгледаат слични повеќеслојни пристапи бидејќи ракетните системи како американскиот систем „Патриот“ се премногу скапи за употреба против поевтини руски дронови.
Туск наводно веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина на обука
„Никој во светот нема доволно ракети за да собори сите различни видови дронови“, рече тој. Вчера, Полска, со поддршка на сојузниците од НАТО, собори неколку дронови кои го нападнаа нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател оцени дека станува збор за руска провокација насочена кон тестирање на одговорот на Полска и НАТО. Зеленски рече дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбивање на руските напади, е во позиција да им помогне на своите сојузници во тоа.
Тој рече дека полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина за таа цел. Полските воени претставници ќе бидат обучени да соборуваат беспилотни летала, изјави извор запознаен со ова прашање.