Зеленски: Русија е сè поблиску до неуспех

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија се приближува до неуспех и казна по последните напади врз Украина.

– Со секој напад терористичката држава е поблиску до неуспех и казна, истакна Зеленски.

Тој додаде дека рускиот терор мора да добие и ќе добие „фер одговор од Украина и светот“.

– Руското зло може да се запре со оружје – нашите бранители го прават тоа. И тоа може да биде запрено со санкции – глобалните санкции мора да се зајакнат, напиша Зеленски на Твитер.

Според официјални податоци на Украина, најмалку 12 лица загинаа во синоќешните руски напади врз неколку украински градови. Украинските сили соопштија дека собориле 21 крстаречка ракета и две беспилотни летала над Киев и други градови во земјата.

Најмалку 10 лица загинаа во Умањ, централна Украина, каде руски проектили погодија станбени згради, соопштија локалните власти.

Една жена и нејзината тригодишна ќерка се убиени во градот Дњепар, изјави градоначалникот.

Засега нема информации за жртви од последните напади во Киев.