Зеленски: Русија не познава граници, ќе најде начин да ја дестабилизира Европа

– Русија „не познава граници“ и ќе најде начин да ја дестабилизира Европа, изјави денес украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Челникот на Националното собрание, Долниот дом на францускиот Парламент, Јаел Браун-Пиве, го пречека во Париз украинскиот претседател Зеленски.

„Живееме во ера во која Европа повеќе не е континент на мирот. … Некои сакаат да ја поделат Европа“, им рече Зеленски на пратениците.

Тој нагласи дека Русија, која денес ја напаѓа Украина, во иднина може да цели на други земји, предупредувајќи ги балтичките земји, Полска и Балканот на ризиците.

„Овој руски режим не познава граници, Европа веќе не е доволна за него. Тој веќе ја уништи Сирија и го дестабилизира Сахел. Вложува во теророт и го загрозува животот таму каде што може да достигне и не се соочува со отпор. Користи сè за да ги ослаби земјите со користење на изворите на енергија и прехранбените производи“, рече Зеленски.

Тој, исто така, ја нападна Русија за користењето на „арсеналот од претходниот век“, како што е поморската блокада, киднапирањето на украинските деца за нивно „превоспитување“ и сеење омраза кон нивната татковина во нив.

„Русија го уценува целиот свет. … Ќе најде начин и верба да ја дестабилизира Европа“, рече Зеленски.

Тој потсети дека во 1930-тите, нацистичкиот лидер Адолф Хитлер ги преминал линиите една по една и предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин сега „го прави истото тоа“.

Русија е „спротивност на слободата, еднаквоста и братството“, рече Зеленски, и додаде: „Таа е спротивност на Европа“.

„Русија не може да победи затоа што немаме право да губиме“, истакна украинскиот претседател и се заблагодари на Европа, и особено на Франција за нивната поддршка.

„Ви благодарам што стоите покрај нас во одбрана на животот“, рече Зеленски на француски јазик.

Украинскиот претседател, кој присуствуваше на меѓународната церемонија одржана вчера во северозападна Франција во чест на Денот Д, исто така им оддаде почит на оние кои се бореа за ослободување на Франција и на Европа пред 80 години во Битката за Нормандија.

Челникот на Парламентот, Браун-Пиве, ја повтори поддршката на Франција за Украина и рече: „Се работи за иднината на нашите вредности на ваша територија“.

Се очекува Зеленски да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, кој исто така е во Париз во својата прва државна посета на Франција.