Зеленски ја откри единствената работа која ќе ги запре Русија и Владимир Путин

Санкциите против Русија и нејзините сојузници можат да дадат резултати само ако се доволно силни и опфатни, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, нагласувајќи дека тие мора да ги засегаат сите аспекти од руската воена и економска активност.

Во нова ескалација на конфликтот, руските сили извршија масовен напад врз украинска територија со 46 беспилотни летала, меѓу кои и дронови од иранско производство „Шахед“, соопшти агенцијата Укринформ. Нападите предизвикаа голема штета во повеќе региони, вклучувајќи ги Харков, Запорожје и Одеса.

Во Лозова, регионот Харков, била погодена цивилна инфраструктура, вклучително и железничката станица и депото. Едно лице загинало, а најмалку десет се повредени, меѓу кои и две деца.

И покрај тоа што украинските одбранбени сили успеале да соборат дел од дроновите, некои сепак ги погодиле своите цели, нанесувајќи дополнителна штета. Зеленски нагласи дека руските сили намерно употребиле дронови за напади врз цивилни објекти, вклучително и во регионот Суми и во селото Биленке во Запорожје, каде бомбите паднале во близина на централни точки на цивилна инфраструктура.

Претседателот на Украина подвлече дека економскиот притисок врз Русија, особено врз индустриите што го поддржуваат нејзиниот воен апарат, е суштински дел од стратегијата за запирање на агресијата. Тој посебно ги истакна т.н. секундарни санкции, насочени кон земји и организации што ѝ помагаат на Русија во трговијата со нафта, како клучна алатка за ограничување на финансиските капацитети на Кремљ.

Зеленски им се заблагодари на Соединетите Американски Држави, Европската Унија и земјите од Г7 за нивната досегашна поддршка, додавајќи дека Украина очекува уште посилна и поодлучна акција од меѓународните партнери. Тој повторно апелираше за зголемување на притисокот врз Москва, уверувајќи дека поригорозните санкции можат да помогнат во прекинување на војната.