Зеленски ја отфрли поканата на Путин за разговори во Москва: „Нека дојде тој во Киев“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во вчерашното интервју за американските медиуми, изјави дека ја одбил поканата на Владимир Путин да патува во Москва на преговори, наместо тоа предложил рускиот лидер да дојде во Киев.

Зеленски на тој начин за прв пат ѝ стави до знаење на јавноста дека таква покана дошла од Москва, а руските медиуми посочија состанок во Истанбул или Будимпешта како неутрални дестинации.

„Тој може да дојде во Киев. Јас не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракетен оган и напади секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист. И тој го разбира тоа“, рече Зеленски.

Од друга страна, украинскиот претседател додава дека овој пристап кон изборот на локација за дипломатска средба е всушност тактика на Путин, кој намерно дава предлози што се неприфатливи за украинската страна.

„Ако некој не сака да се сретнеме за време на војната, секако, може да предложи нешто што не може да биде прифатливо за мене или за другите“, додаде Зеленски.