Зеленски: Ќе воведеме санкции за Грузија, Тбилиси работи за Москва

Претседателот на Украина Володимир Зеленски најави дека Украина ќе воведе санкции кон Грузија, го осуди однесувањето на грузиската влада, обвинувајќи ја дека „ја турка земјата во очигледна зависност од Русија“ и дека се спротивставува на интересите на нејзиниот народ.

Зеленски, како што пренесува „Европска правда“, истакнал дека однесувањето на грузиските власти е „срамно“ и нагласи дека кога Москва ја пофалува таа влада, јасно е за кого работи во моментов.

Тој додаде дека „протестите се растураат“ во Тбилиси и дека тоа не е во интерес на Грузија и дека ќе преземе конкретни чекори заедно со меѓународните партнери.

,,Наредив подготовка на релевантни одлуки за санкциите“, рече Зеленски.

Протестите во Грузија траат веќе речиси една недела, бидејќи премиерот на таа земја Иракли Кобахиџе најави дека прашањето за преговорите за влез во Европската унија ќе се одложи до 2028 година. Зад собирот стои Западот, кој е незадоволен од победата на „Грузиски сон“, партија која е етикетирана како проруска.