– Во серијата силни земјотреси со што вчера го потресоа Авганистан животот го загубија над 2.000 лица, а речиси 10.000 се повредени. Спасувачките тимови се обидуваат да ги извлечат лицата заробени под урнатините, чиј број засега не е познат, соопштија официјалните лица и локалните медиуми.
Авганистанската управа за катастрофи објави дека се потврдени 2.053 смртни случаи, додека 9.249 лица се повредени. Во земјотресот делумно или во потполност се уништени над 1.300 станбени единици.
Државната новинска агенција Бахтар, повикувајќи се на информации добиени од авганистанската Црвена полумесечина, соопшти дека во потполност се уништени 12 села во окрузите Зенде Јан и Гориан во покраината Херат, со популација од 1,9 милиони луѓе.
Спасувачките тимови заедно со локалното население се труди да ги извлече загинатите и повредените кои се заробени под урнатините.
Според Геолошкиот институт на САД, силни земјотреси со магнитуди од 5,5, 5,9 и 6,2 степени во саботата го потресоа Авганистан. Епицентарот бил на 40 километри северозападно од градот Херат.
Земјата која е разорена од војната, во моментов се бори со хуманитарна криза по повлекувањето на странските земји и организации откако талибанците повторно го зазедоа Кабул пред 2 години.
Земјотресите се честа појава во Авганистан, воглавно во планинскиот ланец Хиндукуш, кој се наоѓа во близина на спојот на евроазиската и индиската тектонска плоча.
Земјотресот со интензитет од 5,9 степени минатата година одзеде над 1.000 животи, а на десетици илјади остави без кров на главата во покраината Пактика.