Зибери по повод 10 Декември: Секој има право да живее нормален живот

Одредбите од Универзалната декларација за човековите права не се само отпечатени зборови, тоа се правците за движење на општествата. Секој има право да живее нормален живот, порачува народниот правобранител Насер Зибери по повод 10 Декември, Денот на човековите слободи и права.

-Во годината во која одбележуваме 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права, документ кој беше неминовен после најголемата траума која ја доживеа светот – Втората светска војна, сакам да упатам еден апел, една порака до сите чинители во општеството. Одредбите од оваа Декларација не се само отпечатени зборови. Тоа се правците за движење на општествата. Сторете максимални напори секој напишан збор да биде применет во секојдневниот живот, вели Зибери.

Државата, додава, постои заради граѓаните, а не обратно.

-Затоа во секоја прилика, секој граѓанин без разлика на која националност припаѓа, која му е бојата на кожата, на кој јазик зборува, а кој ќе ви се обрати, ислушајте го, посветете му се и овозможете му да си го оствари со Устав и закон загарантираното право. Станува збор за човечки животи, судбини, а никој нема право со истите да си поигрува. Ние бранителите на човековите слободи и права многу добро го знаеме ова, затоа што секојдневно низ нашата работа го гледаме, посочува Зибери.

Денес, нагласува, со жалење констатирам дека и по 75 години, светот и понатаму се соочува со конфликти поради кои милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, да живеат во нехумани услови.

-Посебно страдаат децата кои се на почетокот на својот живот и кои за жал заради нечии интереси не се во можност да го искусат сето она што се нарекува нормално детство – одење на училиште, семејни ручеци, вечери, дружење и слично. Затоа, светот мора да се обедини и под итно мора да ги реши овие конфликти, истакнува Зибери во пораката и посочува дека секој има право да живее нормален живот.