Зијадин Села носител на листата на ДУИ во изборната единицат бр.5?

Крилото на Алијанса за Албанците предводено од нејзиниот поранешен лидер Зијадин Села на претстојните избори ќе се претставува како дел одкоалицијата предводена од ДУИ на Али Ахмети. Тој сега ќе биде во иста коалиција со ДПА на Мендух Тачи, од кого Села се оддели како фракција која бараше реформи во партијата, а потоа како резултат на ненадминливите конфликти и разлики ја оформи Алијанса за Албанците.

Села, по одржувањето на Централното собрание попладнево, изјави дека одлуката била донесена едногласно и дека само еден делегат бил против.

„Одлучувавме за понудата од страна на Европскиот фронт, јас веќе ги објаснив позициите на АА – делегатите едногласно одлучија, еден беше против, и четворица воздржани за АА да биде дел од Европскиот фронт, дел од одговорностите што треба да ги преземеме, за нашата иднина да биде уште подобра“, изјави Села.

Крилото на Села денеска мораше да ја донесе клучната одлука за евентуално приклучување кон една од двете албански коалиции бидејќи поради судскиот спор околу печатот на партијата немаше можност за самостојно учество на изборите.

Според претходно објавени информации во медиумите, Ахмети на Села му понудил четири пратенички места со можност тие да станат пет доколку коалицијата на изборите освои над 20 мандати.

Веќе некое време се шпекулира дека Зијадин Села кој е со потекло од Струга и ужива голема поддршка кај албанците од тој регион ќе биде носител на листата на ДУИ во петата изборна единица. На овие избори ДУИ ќе го нема омилениот чаирски политичар Изет Меџити, кој ќе биде носител на листа на здружената албанска опозиција, а како носител на листа го нема ниту Бујар Османи кој е кандидат за Претсетател од редовите на ДУИ.

Остануваат неколку денови до конечното затварање на изборните листи кога точно ќе ја знаеме понудата на сите политички партии.

„Бројот на пратеници ги одредува народот, гласачите, а не политичките партии. А ние сме се договориле во оваа коалиција, АА да ја зачува парламентарната група во Собранието. Но како резултат на гласањата од гласачите, овие бројки може и да се зголемат. Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Од друга страна АА ќе има минимум парламентарна група“, порача Села.

Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за албанците, и кандидат за претседател, претходно обвинуваше дека фракцијата на Села всушност се „дуисти“ и им вети дека доколку одлучат сами да настапат на изборите ќе им ги врати печатите на партијата, но очигледно ваквата негова понуда била неприфатлива за Села.

Расколот меѓу Таравари и Села настана во пресрет на парламентарните и претседателските избори, кога Таравари, кој беше коалициски партнер во Владата на СДСМ и ДУИ, се изјасни дека е за изборен настап со албанската опозиција.

Таборот на Таравари потоа и официјално се приклучи на опозицскиот блок во кој се Беса на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гази и Демократското движење на Изет Меџити. Тие формираа коалиција наречена „Вреди“, а Таравари го избраа за претседателски кандидат.