Златото скокна на речиси 5.000 долари?

Њујоршката банкарска корпорација „Голдман Сакс“ предупредува дека цената на златото би можела да порасне на речиси 5.000 долари за унца доколку независноста на Федералните резерви на САД биде загрозена и инвеститорите пренасочат само мал дел од своите инвестиции од државни обврзници кон злато.

Доколку американската централна банка ја изгуби својата независност, „Голдман Сакс“ предвидува пораст на инфлацијата, пад на цените на акциите и долгорочните обврзници, како и слабеење на статусот на доларот како резервна валута, пренесува „Блумберг“.

Основната прогноза предвидува дека цената на златото под нормални околности би можела да се искачи на 4.000 долари за унца до средината на 2026 година.

Во случај на екстремно негативен шок, како што е сериозна закана за независноста на Федералните резерви што би предизвикала паника кај инвеститорите, цената на златото скокнува на 4.500 долари.

Најекстремното сценарио на „Голдман Сакс“ предвидува дека инвеститорите би можеле да пренасочат еден процент од своите инвестиции од државни обврзници кон злато, што би довело до скок на цената на овој метал на речиси 5.000 долари за унца.

Цената на златото на светските пазари се искачи на повеќе од 3.578 долари за унца претходно оваа недела, поставувајќи нов рекорден максимум.

Главните фактори зад растот се големите купувања на злато од страна на централните банки, очекувањата дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во септември, но и напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да добие поголема контрола врз Федералните резерви.