Знамиња на половина копје, откажани сите манифестации – ден на жалост во Прилеп по смртта на трите медицински лица кај Лагово
Во Прилеп денеска e прогласен Ден на жалот поради загубата на човечки животи во трагичната сообраќајна несреќа кај Лагово што ја потресе јавноста. Советот на Општината синоќа одржа вонредна седница и донесе Одлука да бидат откажани сите настани, а знамињата пред општинската зграда и македонското знаме на влезовите од градот и на јарболот во центарот на градот да бидат поставени на половина копје.
Градоначалникот Борче Јовчески изрази сочувство до семејствата за огромната загуба, истакнувајќи дека Прилеп и Македонија изгубија врвни лекари специјалисти, еминентни и почитувани луѓе.
Во тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера на регионалниот пат А3 во правец од Прилеп кон Битола, во непосредна близина на село Лагово, животот го загубија двајца доктори и еден медицински техничар. Тие вчераутро се упатиле кон своето работно место, во приватна здравствена установа во Битола, но од засега неутврдени причини влегле во другата коловозна лента при што директно се судриле со камион со скопски таблици управуван од жител на Битола.
По судирот избил силен пожар, а во негово гасење интервенирале шест противпожарни возила. Патниот правец вчера беше затворен во двете насоки, а увид извршија увидни екипи на МВР и основното јавно обвинителство.