Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро го осудија односот на министерот за економија Крешник Бектеши, кој на денешната прес-конференција по поставено прашање од ТВ Канал 5 ја понижи новинарката со коментар дека поставува прашање во име на други колеги. На ова, новинарот на ТВ Телма реагираше дека алузијата на Бектеши му е за оваа телевизија, наводен нарачател на прашањето, па откако му кажа дека изнесува дрски и безобразни коментари за новинарите, го праша: „Просто е прашањето: Зошто Министерството за економија и Владата набавуваат поскап гас од оној кој е на берзата?“.
Бектеши, наместо соодветен одговор на прашањето, го искара новинарот дека „новинарите се тука за да поставуваат прашања, а не да даваат коментари“.
ЗНМ вели дека не станува збор за изолиран случај, туку за негативен тренд на однесување кон новинари што бележи пораст, и дека ќе ги извести партнерските организации, вклучувајќи ги и ОБСЕ, Европската Федерација на новинари – ЕФН и Советот на Европа.
Ова е четврт негативен испад на политичар кон новинари во изминатиот период, а првите три беа на премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и вчерашниот случај во Министерството за образовани и наука (МОН), од советникот на министерот Јетон Шаќири.
„Крајно време е функционерите да ја сфатат сериозноста на својата позиција пред јавноста и да престанат со директни вербални напади и инсинуации за професионалниот пристап кон работата на новинарите“, велат ЗНМ и СЕММ.
И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагира на недоличниот и дрзок односот на министерот Бектеши, кон новинарите. ССНМ смета дека „арогантниот и омаловажувачки однoс на Бектеши кон новинарите денеска не само што е скандалозен и неприфатлив, туку и ја отежнува работата на новинарите и медиумските работници и може да предизвика самоцензура, непријателско однесување кон нив, загрозување на нивната безбедност, како и нарушување на нивниот интегритет“.
Синдикатот бара од функционерите да престанат со дискредитација на новинарите и медиумските работници и да престанат да се впуштаат во оцена за тоа како и за која цел тие поставуваат прашања за кои постои јавен интерес.