Зоран Коцевски:Ова е обланда за криминалците да се најдат на слобода (видео)

Предлог законот за амнестија, според најавата од премиерот Димитар Ковачевски, ќе биде на расправа пред Владата и испратен до Собранието со потребните усогласувања. До вчера требаше да се изврши усогласување со секторот за законодавство, откако пред една недела на седница на Владата беше констатирано дека постои потреба од негово дополнително усогласување со надлежните институции.

Според Ковачевски, Предлог законот, со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела, не се однесува за случаи на СЈО, осудените од 27 април и парламентарни функционери против кои се води кривичен прогон, пишува Нова Македонија.

– Законот за амнестија кој е во владина процедура се однесува за одредена категорија затвореници и осуденици кои веќе се на издржување казни и не се однесуваат за случаи на СЈО, осудените од 27 април и парламентарни функционери против кои се води кривичен прогон – изјави вчера премиерот, одговарајќи на обвинувањата на лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, дека СДСМ И ДУИ подготвуваат амнестија во договор со ВМРО – ДПМНЕ за да обезбедат гласови за уставните измени.

На оваа тема, вечерва на Телевизија 24 во емисијата ,,24 Анализа” гостуваше Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ кој даде своја анализа.

Законот сè уште го немаме добиено, но ќе го бојкотираме оти станува збор за пуштање криминалци на слобода. Ова е вторпат да се прави истото и тогаш, а и сега поентата е да одработат за ДУИ и СДСМ за време на изборите. Ова е обланда за криминалците да се најдат на слобода, вели Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата 24 анализа на ТВ 24.

– Јас не верувам дека ова се ситни криминалци. Денеска дознавам дека Хаки и Фејзи Азири ќе се најдат на слобода кои се осудени за тешки дела. Таквите криминалци прават проблем на ВМРО-ДПМНЕ затоа што ќе бидат должи за амнестијата. За мене трговија со дрога не е ситен криминал, вели Коцевски, пренесува тв 24.

Коцевски вели дека со овој закон владејачките партии се подготвуваат за опозиција и се спасуваат себеси од кривичен прогон.

– За измените на Кривичниот законик им требаа само 24 часа, вели тој.