Зацрижени сте за вашата изложеност на микропластика? Тогаш треба двапати да размислите пред да посегнете по шишето вода што стои во вашиот автомобил со денови. Неодамнешните студии покажуваат дека изложеноста на топлина и УВ зрачење предизвикува пластичните шишиња да ослободуваат милијарди микроскопски честички кои завршуваат во вашиот пијалок, пишува Food & Wine.
Истражувањата за микропластиката се во полн ек во последниве години, бидејќи стануваме сè повеќе свесни за нивното присуство и потенцијалните здравствени ризици. Научните студии ги поврзуваат со низа проблеми, од оштетување на црниот дроб до воспаление и оксидативен стрес. Проблемот е што избегнувањето на микропластиката изгледа речиси невозможно – штом елиминираме еден извор, се појавува друг. Сепак, постои еден извор што е прилично лесно да се избегне: старото, загреано пластично шише за вода што стои во вашиот автомобил којзнае колку долго.
Влијанието на топлината и сонцето
Во 2023 година, истражувачите проучувале како различните температури и изложеноста на УВ зрачење влијаат врз четири вообичаени видови пластика што се користат за пакување и шишиња. Тие откриле дека иако секој вид пластика се распаѓа малку поинаку, сите тие ослободуваат мали фрагменти од микропластика – и тоа не само неколку.
За време на тестирањето, пластиката испуштила милијарди микроскопски честички во водата. За споредба, шишињата чувани во ладилник како контролна група не испуштиле речиси ништо.

Ова не е ново откритие.
Овој заклучок е далеку од нов. Уште во 2014 година, истражувачите од Универзитетот во Флорида дојдоа до слични резултати, испитувајќи како хемикалиите се исцедуваат од 16 марки флаширана вода складирана на високи температури (околу 70°C) четири недели. Тие ги опишаа своите наоди како „најлошо сценарио“ за човечка консумација.
„Ако складирате вода доволно долго, може да има загриженост“, изјави во тоа време Лена Ма, професорка и главен автор на студијата. Нејзиниот тим им советуваше на луѓето да не ја оставаат флашираната вода „во жешка гаража со недели или во автомобил цел ден во лето“.
Генерално, топлината и пластиката не се добра комбинација. Студија од 2025 година објавена во списанието „Science of the Total Environment“ откри дека топлите пијалоци се примарен извор на изложеност на микропластика. На пример, топлиот чај содржел околу 60 честички на литар, а кафето 43. Ладните верзии на истите пијалоци имале значително помалку – ладниот чај 31 и ладното кафе 37 честички на литар.
Што да се прави?
Тоа не значи дека мора да останете жедни ако вчерашното шише вода ви е единствената опција. Како што објасни Џејми Рос, доцент по невронаука на Универзитетот во Род Ајленд, за „Вашингтон пост“, клучно е да се избегне повторна изложеност. Покрај внесувањето микропластика, топлината „може да придонесе за раст на патогени“.
Експертите предлагаат „етикетите на производите, вклучително и флашираната вода, да содржат информации за составот на пакувањето и да информираат за можноста за ослободување на бисфенол А во водата“. Додека не видиме такви промени, решението е во наши раце: чувајте ја водата на ладни, темни места или, уште подобро, преминете на стаклени и метални шишиња за повеќекратна употреба секогаш кога е можно.