Зошто сè повеќе непушачи заболуваат од рак на белите дробови: Научниците сега го имаат одговорот

Ново истражување покажа дека загадувањето и традиционалните кинески хербални лекови може да придонесат за рак на белите дробови кај луѓе кои воопшто не користат тутун или го користат многу ретко.

Ракот на белите дробови долго време се сметаше за болест на пушачите, но со намалувањето на употребата на тутун во многу делови од светот, се појави вознемирувачки проблем: ракот на белите дробови кај луѓе кои никогаш не пушеле е во пораст. Овој вид на рак ги погодува жените, особено оние од азиско потекло, и е почест во источноазиските отколку во западните земји.

Истражувањето, објавено во стручното списание „Nature“, го водеа истражувачи од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего и Националниот институт за рак (NCI), кој е дел од Националните институти за здравје (NIH).

„Забележуваме дека луѓето кои никогаш не пушеле почесто добиваат рак на белите дробови, но не разбиравме зошто. Нашето истражување покажува дека загадувањето на воздухот е тесно поврзано со истите видови мутации на ДНК што обично ги поврзуваме со пушењето“, рече еден од авторите на студијата, Људмил Александров.

Марија Тереза Ланди, која е исто така еден од авторите на гореспоменатата студија, рече дека повеќето претходни студии за ракот на белите дробови не ги одделувале податоците од пушачите од непушачите, што го ограничувало увидот во потенцијалните причини за оваа болест.

„Ја дизајниравме студијата за да собереме податоци од луѓе кои никогаш не пушеле и да користиме геномика за да следиме кои изложености би можеле да ги предизвикаат овие видови на рак“, додаде таа.

Тимот анализирал рак на белите дробови кај 871 непушачи кои живеат во 28 региони со различни нивоа на загадување на воздухот низ Африка, Азија, Европа и Северна Америка. Користејќи секвенционирање на целиот геном, истражувачите идентификувале различни модели на мутации на ДНК, познати како мутациски потписи.

Со комбинирање на овие геномски податоци со проценки на загадувањето, истражувачите беа во можност да ја проценат долгорочната изложеност на поединците на загадување на воздухот. Тие открија дека луѓето кои никогаш не пушеле и живеат во позагадена средина имаат значително повеќе мутации во туморите на белите дробови, особено мутации-двигатели, кои директно го поттикнуваат развојот на рак и мутациски потписи.

Покрај загадувањето на воздухот, тие идентификуваа уште еден ризик: аристолохична киселина, канцерогена состојка што се наоѓа во одредени традиционални кинески хербални лекови. Специфичен мутациски потпис поврзан со аристолохичната киселина е пронајден речиси исклучиво во случаи на рак на белите дробови кај никогаш непушачи од Тајван.

„Ова покренува нови загрижености за тоа како традиционалните лекови можат ненамерно да го зголемат ризикот од рак“, рече Ланди.