Зошто тенкот „Леопард“ е толку посакуван?
Украина мечтае за германските тенкови „Леопард 2“, бидејќи верува дека со тоа оружје би ја свртила војната во своја полза. Берлин се уште е во недоумица околу испораките. Зошто „Леопардот“ е толку посакувано оружје?
Досега Украина најмногу се потпираше на тенковите „Т-72“ од советската ера. Некои од нив беа заробени и од руските војници. Но, за пресврт на бојното поле, ѝ треба помодерно оружје. Затоа Владата во Киев веќе подолго време бара меѓународни испораки на тенкови, а од Германија особено борбени тенкови од типот „Леопард 2“. Тој модел технички е супериорен во однос на руските тенкови.
На Украинците им требаат тенкови „Леопард 2“ за да ги пробијат непријателските линии во она што веќе некое време беше прилично статична рововска војна. „Потребни ни се тенкови за да ја спасиме нашата енергетска инфраструктура, за да ги спасиме Украинците од криминал“, истакна неодамна украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, за време на посетата на германската министерка за надворешни работи Анален Бербок на источна Украина.
Кулеба го зголеми и притисокот врз Германците да одобрат што поскоро испорака на бараните тенкови. „Колку подолго трае оваа одлука, толку повеќе луѓе ќе гинат поради недоволното количество оружје на украинската армија“, рече украинскиот политичар.
Украина од самиот почеток беше целосно зависна од западното оружје и муниција. Иако Германија веќе испорача мобилни хаубици и оклопни возила „Гепард“ и „Мардер“, сè уште се колеба за испорака и издавање дозволи во други земји за испорака на „Леопард 2“, повикувајќи се на сè уште недоволно цврстата позиција на партнерите во НАТО по тоа прашање.
Доверлив и модерен тенк
Зошто „Леопард 2“ е толку посакуван? Овој тенк тежок шеесет тони и долг десет метри се смета за еден од најдобрите и најмодерни борбени тенкови во светот. Сегашната верзија на главниот борбен тенк е „Леопард 2 А7“ кој се испорачува од 2014 година. Од самиот почеток на производство во 1978 година, германската компанија „Краус-Мафај Вегман“ испорача повеќе од 3.500 тенкови „Леопард 2“.
Неговото главно вооружување е топ со т.н. „мазна“ цевка од 120 милиметри со максимален дострел од пет илјади метри и е во состојба да отвори оган и при мирување и во движење. Според Бундесверот, предностите на леопардот лежат во комбинацијата на огнена моќ, оклопна заштита и мобилност. Достигнува брзина до 70 километри на час, а е придвижуван од релативно економичен дизел-мотор.
А токму способноста да се отвори оган во движење, па дури и при движење наназад, ги прави супериорни „Леопардот“, како и другите модерни тенкови, како американскиот „Абрамс“ или францускиот „Леклер“.
„Тие тенкови можат да отворат оган дури и додека се движат со полна брзина. Руските тенкови, да речеме ’Т90’, не можат да го направат тоа“, вели Ралф Ратс, специјалист за воена историја и директор на германскиот музеј за тенкови. Освен тоа, како што вели тој историчар, „Леопардот“ е сигурен и лесен за одржување. Покрај Германија, моментално го користат уште најмалку 14 нации во различни прилагодени варијанти.
Германија мора да даде зелено светло
Зошто сите очи сега се вперени во Берлин? Не се работи само за тоа што Германија сама извезува тенкови „Леопард“. Според компанијата „Краус Мафај Вегман“, новите нарачки сепак ќе треба да чекаат со години. Според тврдењата на компанијата „Рајнметал“ која учествува и во производството на тенкови, дури и реставрацијата на користените леопарди трае до една година.
Исто така, се поставува прашањето колку тенкови „Леопард“ воопшто има Бундесверот. Некои статистики зборуваат за 220 парчиња, но дури и новиот министер за одбрана, Борис Писториус, веднаш по преземањето на функцијата минатата недела, најпрвин нареди да му се достави точен список и достапноста на бараните тенкови.
Според некои постари списоци, Бундесверот би можел веднаш да испорача 19 тенкови кои вообичаено се користат за обука.
Сепак, ниту земјите што ги поседуваат не смеат да ги остават своите „Леопарди“ на Украина. Имено, според германските закони, на земјите кои веќе поседуваат такви тенкови и се подготвени да и ги предадат на Украина им е потребна дозвола од Берлин за да ги префрлат во трети земји. Германската Влада е во недоумица по парашањето, што наидува на неазбирање кај Полска и Финска, кои со задоволство би ги испорачале своите тенкови на Украинците.
Германија не сака да биде учесник во војната
Но, како што објаснува министерот за правда, Марко Бушман, како и со другите испораки на оружје, Германија со испорака на борбени тенкови нема автоматски да стане учесник во војната по секоја цена, според меѓународното право. .
„Украина е во право, бидејќи води одбранбена војна. Според меѓународното право, на Германија и е дозволено да испорачува оружје на Украина. Тоа не не прави страна во војната, без разлика за какво оружје се работи“, рече Бушман.
Кога Борис Писториус беше назначен за министер за одбрана, германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер, јасно стави до знаење дека Германија не е во војна, но оти сега „мораме да реагираме на заканите што се упатени кон нас“.
Писториус претходно зборуваше дека Германија е индиректно вклучена во војната. Независно испораките оружје, западните сојузници на Украина продолжуваат да инсистираат дека тие самите не се страна во војната. Земјите од одбранбената алијанса на НАТО не се директно воено вклучени во конфликтот и сакаат така и да остане.