Украина чека за германските тенкови Леопард 2 затоа што верува дека ова оружје ќе ја претвори војната во нејзина корист. Но, што го прави Леопард 2 толку посакувано оружје?
Досега Украина најмногу се потпираше на тенковите Т-72 од советската ера. Некои од нив беа заробени и од руските војници. Но, за пресврт на бојното поле, потребно е помодерно оружје. Затоа владата во Киев веќе подолго време бара меѓународни испораки на борбени тенкови, а особено борбени тенкови од типот „Леопард 2“ од Германија. Моделот е технички супериорен во однос на руските тенкови.
На Украинците им требаат тенковите „Леопард 2“ за да ги пробијат непријателските линии во она што веќе некое време беше прилично статична рововска војна. „Потребни ни се тенкови за да ја спасиме нашата енергетска инфраструктура, да ги спасиме Украинците од криминал“, истакна неодамна украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за време на посетата на германската министерка за надворешни работи Анален Баербок на источна Украина. Кулеба го зголеми и притисокот врз Германците да одобрат што поскоро испорака на бараните тенкови. „Колку подолго трае оваа одлука, толку повеќе луѓе ќе гинат поради недоволното вооружување на украинската армија“, рече украинскиот политичар.
Украина од самиот почеток беше целосно зависна од западното оружје и муниција. Иако Германија веќе испорача мобилни хаубици и оклопни возила „Гепард“ и „Мардер“, сега одлучи да испорача и да издаде дозволи на други земји за испорака на Леопард 2, почитувајќи ја цврстата позиција на партнерите во НАТО по ова прашање.
Сигурен и модерен тенк
Но, зошто Леопард 2 е толку посакуван? Овој тенк тежок 60 тони и долг 10 метри се смета за еден од најдобрите и најмодерни борбени тенкови во светот: актуелната верзија на главниот борбен тенк е „Леопард“ 2 А7“ испорачан од 2014 година. Германската компанија Краус -Maffei Wegmann испорача повеќе од 3.500 тенкови Leopard 2 од почетокот на производството во 1978 година.
Неговото главно оружје е топ со т.н со мазна цевка од 120 mm. Неговиот максимален борбен домет е 5.000 метри и може да отвори оган и во мирување и во движење. Според Бундесверот, предностите на „Леопардот“ лежат во комбинацијата на огнена моќ, оклопна заштита и мобилност. Достигнува брзина до 70 km/h и се придвижува од релативно економичен дизел мотор.
А токму можноста за отворање оган додека се движите, па дури и додека се движите наназад, ги прави супериорни леопардите, како и другите модерни тенкови, како американскиот Абрамс или францускиот Леклер. „Овие тенкови можат да отворат оган дури и додека се движат со полна брзина. Руските тенкови, како што е Т90, не можат да го направат тоа“, вели Ралф Ратс, специјалист за воена историја и директор на германскиот музеј за тенкови. Покрај тоа, како што вели овој историчар, Леопард е сигурен и лесен за одржување. Освен Германија , моментално го користат најмалку 14 нации во различни сопствени варијанти.
Германија даде зелено светло
Зошто сега сите очи се вперени во Берлин? Не се работи само за тоа што Германија сама извезува тенкови Леопард. Новите нарачки, како што рече Краус Мафеи Вегман, сепак ќе треба да чекаат со години. Според тврдењата на компанијата Рајнметал, која учествува и во производството на тенкови, дури и преквалификацијата на користените леопарди трае до една година. Исто така, се поставува прашањето колку тенкови Леопард всушност поседува Бундесверот. Некои статистики зборуваат за 220 парчиња, но дури и новиот министер за одбрана Борис Писториус, веднаш по преземањето на функцијата минатата недела, најпрвин нареди да му се достави точен список и достапноста на бараните тенкови. Според некои постари списоци, Бундесверот би можел веднаш да предаде 19 тенкови кои вообичаено се користат за обука.
Но, ниту земјите што ги поседуваат не смеат да ги остават своите леопарди на Украина. Според германскиот закон, земјите кои веќе ги поседуваат овие тенкови и се подготвени да и ги предадат на Украина бараат дозвола од Берлин да ги префрлат во трети земји. И токму по ова прашање германската влада, наиде на недоразбирање на Полска и Финска, кои со задоволство би ги оставиле своите тенкови на Украинците.
Германија (не) сака да биде учесник во војната
Меѓутоа, како што објаснува министерот за правда Марко Бушман, како и со другите испораки на оружје, Германија нема автоматски да стане учесник во војната со испорака на борбени тенкови по секоја цена, според меѓународното право. „Украина е во право затоа што води војна за самоодбрана. Според меѓународното право, на Германија и е дозволено да испорачува оружје на Украина. Тоа не не прави страни во војната“, рече Бушман. Кога Борис Писториус беше назначен за министер за одбрана, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер јасно стави до знаење дека Германија не е во војна, но дека сега „мораме да реагираме и на заканите што ни беа упатени.“ Писториус претходно зборуваше за Индиректна вклученост на Германија во војната. Без оглед на испораката на оружје, западните сојузници на Украина постојано нагласуваат дека тие самите не се страна во војната. Земјите од одбранбената алијанса на НАТО не се директно воено вклучени во конфликтот и сакаат да го задржат тоа статус.