Ивановски: Немаме пари за целосна реконструкција, годинава ќе изиграме оперативно – до крај на годината се очекува возот од Зелениково
Директорот на Јавното претпријатие „Железници Инфраструктура“, Синиша Ивановски, во емисијата Бизнис21 на ТВ21 проговори за Градскиот воз.
Како што вели, ова е постоечка траса со 3 главни краци – Ѓорче Петров, преку Бутел, Гази Баба до Централна Станица – Миладиновци и Зелениково за кои физибилити студија покажала дека ќе чини околу 47 милиони евра само за градежни работи.
„Знаеме што да направиме и колку ќе чини. Оваа година, има и мерки на краток рок, ќе изиграме со делницата Зелениково до Централна станица со должина од 24,5 километри за која што немаме пари да ја направиме како што бара самата физибилити студија, тоа е преку 20 милиони евра… Но ќе направиме оперативна, ќе замениме прагови, ќе ги замениме долниот и горниот строј каде што има потреба и веќе планираме кон крајот на годината да може барем еден патнички воз редовно да ги собира патниците од Железничка станица, до Лисиче, се до Зелениково“, вели Ивановски.
Тука, како што вели, е добро што освен што ќе ја користат скопјани и самиот воз од Битола, па и од Гевгелија ќе ја поминува оваа траса која во моментот е во многу лоша состојба.
Тој најавува и мали автобуси од ЈСП кои ќе ги собираат патниците од околните места и ќе ги носат до железничките станици во овие места.