Во осветените води на Вардар кај Велес, на денешниот празник Богојавление – Водици од 91 пријавени, меѓу кои и една девојка, крстот го фати 22 – годишниот велешанец Игор Јорданов од населбата Потокот. Тој првпат влегува во Вардар за Водици со својот другар Александар Анастов по крстот и вели дека е пресреќен, а на сите православни верници им посака многу здравје и среќа.
Владиката Повардарски му подари златен крст и библија, а доби и ваучер од градоначалнокот Колев и други подароци од бројни спонзори и од кумовите.Тој во наредните 30 дена со осветениот крст ќе ги посети домовите на православните верници во Велес за здравје.
Никола Цилаков од Епархијата Повардарска, која е организатор на прославата, за МИА информира дека радува фактот што последниве неколку години по крстот во Вардар влегуваат се повеќе млади кои ја љубат верата и се верници за пример.
Инаку, утрово во црквата Св. Спас се одржа богослужба по што Литија од неа се упати кон Мало Мовче на Вардар од каде беше положен светиот крст во осветените води на Вардар.
Годинава настанот го проследија повеќе илјада граѓани. Освен на кејот од левата страна, голем дел од нив стоеја и на новиот кеј од десната страна на Вардар.