Доколку сакате да се чувствувате подобро во врска со себе и да бидете подготвени за летото, правилната исхрана е подеднакво важна како и редовното вежбање. Постојат бројни здрави намирници кои можат да ви помогнат да ја постигнете посакуваната фигура, а некои вообичаени грицки можат да имаат спротивен ефект – можат да поттикнат воспаление, да предизвикаат проблеми со варењето и да придонесат за акумулација на масни наслаги, особено во абдоминалната област.
Нутриционистите Кетлин Мекдермот, Лиза Ричардс, Валери Долбел, Хедер Хенкс и Шери Бергер за „SheFinds“ ги одбраа намирниците што треба да ги избегнувате ако сакате да го подобрите вашето здравје и фигура.
Засладена гранола
Гранолата често се смета за здрав избор на храна, но многу индустриски верзии содржат рафинирани зрна, хидрогенизирани масти и додадени шеќери, што може да предизвика брзи скокови на шеќерот во крвта и воспалителни процеси.
Советот на нутриционистката Кетлин Мекдермот е да почнете да правите домашна гранола: „Користете цел овес, малку природен засладувач како мед или јаворов сируп и здрави масти како кокосово или маслиново масло. Додадете јаткасти плодови, семки и суво овошје без додаден шеќер.“
Овошен јогурт
Иако јогуртот може да содржи корисни пробиотици и протеини, засладените верзии често имаат до 30 грама шеќер по чаша, повеќе од некои чоколадни плочки, пишува SheFinds. Ако веќе сакате јогурт, подобар избор е обичен грчки јогурт со ниска содржина на шеќер и поголема количина на протеини, засладен со свежо овошје или малку мед.
Енергетски пијалоци
Енергетските пијалоци често содржат големи количини шеќер, кофеин, вештачки бои и адитиви кои можат да предизвикаат воспаление, лошо варење, анксиозност и проблеми со спиењето. Како што советува Мекдермот, држете се до „едно кафе наутро и пијте вода во текот на денот за да останете хидрирани без вишок кофеин и шеќер“.
Крофни
Според Лиса Ричардс, крофните се „направени со рафинирано брашно и полни со додадени шеќери“, што ги прави една од најлошите намирници кога станува збор за здравјето и тежината. Ненадејното зголемување на шеќерот во крвта што го предизвикуваат придонесува за инсулинска резистенција. Најдобро би било целосно да ги избегнувате во вашата исхрана или да ги јадете многу ретко, но никогаш за појадок.
Овошни сокови
Овошните сокови, иако се од природно потекло, содржат високи концентрации на шеќер бидејќи им недостасуваат влакната присутни во целото овошје. Ова ги прави пијалок што лесно го нарушува нивото на шеќер во крвта. Според нутриционистката Шери Бергер, изберете „100 проценти овошен сок без додаден шеќер, но дури и тогаш, јадете го целото овошје“.
Купени бисквити
Колачињата купени од продавница се полни со рафинирани јаглехидрати, шеќер и заситени масти. Освен што се богати со калории, тие стимулираат скокови на инсулин и воспаление, а придонесуваат и за акумулација на маснотии во абдоминалната област. „Колачињата се едни од главните десерти, но тие придонесуваат за внесување дополнителен шеќер и содржат многу малку влакна и хранливи материи“, заклучува нутриционистката Валери Долбел.