ИЗБОРИ ВО ТУРЦИЈА – Кој е Кемал Киличдароглу: Почитуван борец против корупцијата, преживеал неколку атентати ?
Киличдаролу на претседателските избори во Турција излезе како лидер на опозицијата
Во Турција завчера се одржа првиот круг од претседателските избори на кој се натпреваруваа четворица кандидати. Прелиминарните резултати покажаа дека во вториот круг ќе се натпреваруваат актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган и лидерот на опозицијата Кемал Киличдароглу.
Според последните податоци, врз основа на 99,31 отсто обработени гласови, Ердоган во првиот круг освоил 49,41 отсто, додека Киличдаролу 44,96 отсто од гласовите.
Борец против корупцијата
Киличдаролу е роден во 1948 година во семејство на државни службеници во село во источна Анадолија. Тој потекнува од алавитско семејство кое е малцинство во Турција. Тој е четвртото од седумте деца и единствениот кој учел.
Во Анкара дипломирал економија и во 1971 година се вработува како референт во Министерството за финансии на Турција, а во 1992 година бил назначен за директор на Управата за социјално осигурување. Тој е во пензија од 1999 година, пишува „Дојче веле“.
Во неговото блиско опкружување отсекогаш важеше за чесен и доверлив функционер, а во јавноста се стекна со репутација на борец против корупцијата.
Така ја започна својата политичка кариера, кога на барање на социјалдемократско-кемалистичката партија ЦХП, подготви извештај за корупција, кој доби позитивен одговор од тогашниот лидер на таа партија Дениз Бајкал.
Во турскиот парламент влезе во 2002 година како член на оваа партија. Неговата популарност е зголемена поради вербалните конфликти со неколку пратеници на АКП на Ердоган. Тој се кандидираше за градоначалник на Истанбул во 2009 година, но загуби.
Кога во 2010 година Бајкал мораше да ја напушти функцијата поради скандал, Киличдаролу ја доби поддршката од партијата.
Меѓу неговите добро познати активности е неговиот „Марш на правдата“ – патување од Анкара до Истанбул по кое пешачеше во знак на протест против наводната репресија на АКП на Ердоган.
„Ганди-Кемал“
Тој е познат и по својата смиреност. Еден од неговите прекари во јавноста е „Ганди-Кемал“ поради неговата наводна карактерна сличност со Махатма Ганди.
Покрај тоа, според некои истражувања тој е политичарот кој имал најмногу физички напади и атентати во политичката историја на Турција. Тој преживеа вооружен напад на курдската паравоена организација ПКК, напад во Парламентот, како и обид за напад на терористите на таканаречена Исламската држава за време на неговиот „Марш на правдата“.
И покрај неговиот позитивен имиџ, и тоа што опозицијата застана зад него, Киличдаролу не важи за харизматичен лидер.
Потсетуваме, граѓаните на Турција во неделата гласаа на претседателските и парламентарните избори, а избраа меѓу тројца претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за Парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.
Право на глас имаа 64,11 милиони луѓе, а за прв пат гласаа над 4,9 милиони турски граѓани.