Грчкиот парламент денеска го избра Константинос Тасулас, водечка фигура во владејачката конзервативна партија Нова демократија (НД), за претседател на Грција, што е главно церемонијална функција.
Константинос Тасулас (65) ќе ја наследи Катерина Сакеларопулу, првата жена избрана на оваа функција пред пет години и чиј мандат истекува кон средината на март.
Тасулас, поранешен претседател на парламентот, беше избран со мнозинство од 160 гласови од вкупно 300 членови на парламентот.
Премиерот Киријакос Мицотакис му честиташе на Тасулас, кој долго време е познат по неговото жестоко залагање за враќање на грчките антиквитети од Британскиот музеј.
Тасулас беше номиниран од премиерот, што наиде на остри критики од опозициските левичарски партии.
Според опозицијата, овој предлог бил спротивен на повеќедецениската традиција да се именува лице кое не е од владејачката партија, за да се гарантира политички консензус за избор на претседател на државата.