Извлечени првите делови од подморницата „Титан“

Делови од подморницата „Титан“, која имплодираше за време на длабочинското нурнување до „Титаник“, кога смртно настрадаа пет лица, вчера беа извлечени на брегот, а на деловите од подморницата се откриени човечки остатоци.

Американската крајбрежна стража објави дека на деловите од подморницата „Титан“ се пронајдени остатоци опишани како „претпоставени човечки остатоци“ и дека ќе биде спроведена службена анализа.

Во соопштението се наведува дека остатоците од подморницата се „внимателно спасени“ од подрачјето на околу 700 километри од брегот на канадскиот град Сент Џонс.

„Доказите на инспекторите од неколку меѓународни јурисдикции ќе им дадат критичен увид за причината за оваа трагедија. Потребно е да се заврши значајна работа за да се разберат факторите што доведоа до овој катастрофален губиток на ‘Титан’ за да се осигури повеќе да не се случат слични трагедии“, изјави Џејсон Нојбаер, кој ја води истрагата за потонувањето на подморницата „Титан“.

Иако е објавено дека меѓу пронајдените остатоци од подморницата бил и задниот капак на подморницата, се напоменува дека извадените делови ќе послужат во истрагата за да се утврди причината за несреќата.

Подморницата „Титан“ на компанијата „OceanGate“, која на 18 јуни организираше туристичко патување до остатоците на бродот „Титаник“ во Атлантскиот Океан, имплодираше во длабоките океански води, усмртувајќи пет лица.

Во подморницата се наоѓаа британскиот милијардер Хемиш Хардинг, кој ја поседува компанијата „Action Aviation“, пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман Давуд, францускиот управувач со подморници Пол Хенри Наргеолет и Стоктон Раш, основач и извршен директор на компанијата „OceanGatea“, кој ја поседува подморницата и организира мисии.