Извор од Белата куќа: Трамп ѝ порача на Европа дека мора да престане да купува нафта од Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на европските лидери дека континентот мора да престане да купува руска нафта бидејќи таа ѝ помага на Москва да ја финансира својата војна во Украина, изјави функционер на Белата куќа за Ројтерс.

Републиканскиот претседател се придружи на повикот на „коалицијата на добронамерните“ предводена од францускиот претседател Емануел Макрон за безбедносни гаранции во случај на мировен договор со Русија.

„Претседателот Макрон и европските лидери го поканија претседателот Трамп на нивниот состанок на „коалицијата на добронамерните“. Претседателот Трамп нагласи дека Европа мора да престане да купува руска нафта што ја финансира војната – бидејќи Русија доби 1,1 милијарда евра од продажба на гориво од ЕУ за една година“, рече функционерот.

Трамп е фрустриран

Трамп, исто така, нагласи дека „европските лидери мора да извршат економски притисок врз Кина“ за нејзината помош на Русија во војната. Европската комисија предложи целосно запирање на увозот на руски гас и нафта до 1 јануари 2028 година.

Американскиот претседател е фрустриран од неможноста да ги запре борбите во Украина откако за време на кампањата најави дека ќе успее во рок од 24 часа по враќањето во Белата куќа, пишува Ројтерс.

Состанокот на „коалицијата на добронамерните“, на кој присуствуваа украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, беше за „безбедносни гаранции за Украина“, рече функционерот.

Трамп ја доведе во прашање „сериозноста на европските земји“ да го запрат конфликтот, а воедно да продолжат да ја поттикнуваат економијата и војната на Русија.

„Претседателот јасно стави до знаење дека ова не е негова војна и дека Европејците треба повеќе да зборуваат“, рече функционерот.